Крешо Иванковиќ повеќе не е тренер на првиот тим на Нексе. Одлуката за прекин на соработката ја донесе Управата на клубот по детална анализа на досегашната работа и остварените резултати. Хрватскиот тим во првото коло до главната фаза на Лига Европа загуби со 34-28 кај Хановер.
Иванковиќ го презеде првиот тим во април 2024 година и во текот на својот мандат ја водеше екипата низ домашните и европските натпреварувања. Од клубот истакнуваат дека постигнатите резултати ќе останат важен дел од историјата на Нексе, а на Иванковиќ му се заблагодарија за посветената работа, професионалноста и придонесот во развојот на тимот.
Од клубот нагласуваат дека, со оглед на целите што следуваат во продолжението на сезоната, сметаат дека промената во овој момент е во најдобар интерес на екипата и идните предизвици.
Новиот тренер на Нексе ќе биде Саша Баришиќ Јаман – долгогодишен играч и капитен на клубот, кој во моментов ја извршува функцијата тренер на вториот тим. Во клубот веруваат дека со своето искуство, авторитет и одлично познавање на клупскиот систем, Баришиќ Јаман ќе обезбеди континуитет во работата и дополнителна енергија во завршницата од сезоната.

























