Нексе падна во финишот, Загреб славеше во Нашице

Екипата на Загреб на гостувањето во Нашице кај Нексе славеше со 28:25 во дерби натпревар од 5. коло од плеј-оф фазата во домашниот шампионат.

Иако домаќинот пружи силен отпор, на полувреме водеше со 17:15, а до 40-та минута имаше резултатска контрола, сепак, падна во финишот.

Во периодот од 40-та до 50-та минута се играше гол за гол, но гостите од Загреб во финишот успеаја да се одлепат на плус три, недозволувајќи да има драма во дербито.

Најзаслужен за победата на Загреб беше Филип Главаш, десното крило постигна девет погодоци од 12 обиди, а го следеа Звонимир Срна со шест и Ихар Бијалијауски со пет погодоци.

Кај Нексе, најдобар стрелец беше Тин Кузе, кој реализираше шест гола, додека младиот Александар Цениќ запиша пет погодоци.