Некогаш страв и трепет, денес во сенка: Кил ја живее најтешката ера!

Љубителите на ракометот ширум Европа се почесто си го поставуваат прашањето до каде ќе оди падот на еден од најголемите европски клубови Кил.

Германскиот великан трета сезона по ред е далеку од борбата за шампионската титула во Бундес лигата, а следната сезона ќе остане и без настап во Лигата на шампионите на ЕХФ. По две последователни четврти места, тимот на Филип Јиха оваа сезона ја заврши на петтата позиција, што претставува големо разочарување за клуб со таква традиција и реноме.

Кил е вториот најуспешен клуб во историјата на европските купови, веднаш зад Барселона, а со години важеше за симбол на стабилност, доминација и врвен ракомет. Денеска ситуацијата е поинаква.

Последната можност за пласман во Лигата на шампионите беше преку освојување на Европската лига на ЕХФ, но трофејот заврши кај Мелсунген, па и таа шанса е пропуштена.

Дополнително загрижува и статистиката. По 32 одиграни кола, Кил освои само 42 бода, што е најслаб резултат на клубот во Бундес лигата уште од сезоната 1996/97. Уште полоша била само сезоната 1992/93, кога тимот освои 36 бода во 34 натпревари.

Поради ваквите резултати, сѐ погласни се шпекулациите околу иднината на тренерот Филип Јиха. Легендарниот Чех е на клупата од 2019 година и веќе во првата сезона му донесе на клубот титула во Бундес лигата и трофеј во Лигата на шампионите. Но, во последните години успехот изостанува, а критиките стануваат сѐ погласни.

Одговорноста не е само кај тренерот. Голем дел од навивачите и експертите сметаат дека проблемот лежи и во трансфер политиката. Кил повеќе не ги носи најголемите светски ѕвезди како некогаш, а дел од засилувањата не ги оправдаа очекувањата и нивото кое се бара во клуб со таков статус. Она што дополнително загрижува е фактот што ниту најавените трансфери за следните сезони не ветуваат брзо враќање на врвот.

Кил и понатаму останува големо име во европскиот ракомет, но прашањето што останува отворено е – каде е крајната точка на падот и кој ќе ја преземе одговорноста за најтешкиот период на клубот во последните 30 години?

За наредната сезона, во Кил доаѓаат Домен Макуц, Јулијан Костер, Јарнес Фауст…а заминуваат Мохаб Абделхак, Петер Оверби, Бенце Имре, Никола Билик…па составот сигурно нема да биде посилен од оваа сезона.