Скапиот проект на ЧСМ Букурешт петта сезона по ред не успеа да стигне до пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта. Клубот од романската престолнина во оваа сезона обезбеди пласман меѓу најдобрите осум екипи во европската елита, но во четвртфиналето беше елиминиран од француски Мец.
Амбициите на ЧСМ Букурешт беа пласман на завршницата во ЛШ и борба за медал. Некогашниот европски првак денеска објави дека во следната сезона клубот ќе има нов тренер. Имено, сегашниот предводник на ЧСМ Букурешт, Адриан Василе, поради неуспехот на европска сцена си заработи отказ.
Кон крајот на минатата година симпатизерите на ЧСМ Букурешт бараа оставка од Василе поради лошите резултати во групната фаза од Лигата на шампионите. За потсетување, романскиот шампион низ иглени уши се пласираше во осминафиналето, групната фаза ја заврши со биланс од осум победи, пет порази и едно реми, додека во осминафиналето беше поуспешен од Крим Мекатор.
Василе со ЧСМ Букурешт имаше договор до летото, 2025 година. Екс селекторот на Романија клупата на амбициозниот тим ја презеде во 2019 година, а од 2014 работеше како асистент на неколку тренери во клубот. ЧСМ Букурешт во дебитанската сезона во ЛШ (2015-16) ја освои титулата.
Освен Василе, по завршувањето на сезоната ќе си заминат шест ракометарки, три од нив се репрезентативки на Франција – Грас Заади (Крим), Лаура Флипес (Мец) и Лаура Глаузер (ФТЦ). Во ЧСМ Букурешт ќе пристигнат Игнер Смитс, Алина Гријселс, Ема Фрис…