Репрезентацијата на Унгарија имаше предност од четири голови на пет минути до крајот на дуелот против Хрватска, но сепак загуби во драматична завршница со голот на Шипиќ со 31-30.
Селекторот на Унгарија, Чема Родригез, вели дека болен е ваквиот пораз, но дека е горд на своите избраници.
„Знаевме дека треба да играме совршено за да ја победиме Хрватска, која има јаки играчи и одличен селектор. Овој спорт е преубав поради вакви завршници. Се бореа до крајот, исто како и ние што се боревме и против 15.000 навивачи со многу млади ракометари во составот кои покажаа дека имаат карактер. Ова е големо искуство за нас. Тешко е кога ќе загубите, но и Хрватска ја заслужи победата, исто како што ја заслуживме и ние. Горди сме на се што направивме и постигнавме, на моменти бевме сјајни. Сега мора да се напиеме нешто за да го заборавиме ова“, изјави Родригез.
Следен предизвик за Унгарија ќе бидат квалификациите за пласман на ЕП 2026 година.