Го бараа големи клубови, ама Готфридсон избра да се врати дома

Еден од најдобрите светски ракометари ја напушта европската елита и се враќа во матичниот ИФК Иштад, клубот каде што ја започна кариерата.

Еден од најдобрите светски ракометари, Јим Готфридсон, и официјално се враќа во својот матичен клуб ИФК Иштад. Шведскиот репрезентативец потпиша тригодишен договор, со што започнува ново поглавје во кариерата по долгогодишните настапи на највисоко европско ниво.

Веста претставува вистинска сензација за шведскиот ракомет, бидејќи Готфридсон имаше понуди од врвни клубови од Шведска, Данска и Германија, но решил да се врати таму каде што ги направил првите ракометни чекори.

„Кога се појави можноста да се вратам во ИФК Иштад, одлуката беше лесна. Ова е клубот каде што сè започна и тука сакам да го испишам следното поглавје од мојата кариера. Не се враќам за да ја завршам кариерата, туку со големи амбиции – да победуваме и да му помогнам на клубот повторно да биде таму каде што припаѓа“, изјави Готфридсон.

Готфридсон зад себе има блескава кариера. Со Фленсбург ја освои Лигата на шампионите, двапати триумфираше во ЕХФ Европската лига, беше шампион на Германија, а со репрезентацијата на Шведска стана европски шампион во 2022 година.

Истата година беше прогласен и за најдобар светски ракометар, а двапати беше избран за МВП на Европското првенство.

Неговото враќање во ИФК Иштад се смета за еден од најголемите трансфери во историјата на шведскиот клупски ракомет.