Кубанскиот десен бек Јоел Куни Моралес две сезони го носеше дресот на двократниот европски шампион Вардар, но летово реши да ја промени средината и да замине во Загреб.
„Црвено-црниот“ клуб, градот и Македонија му будат само пријатни спомени на Моралес, кој во изјава за „Вечерњи Лист“ вели дека е штета што клубот не се задржа во европскиот врв.
„Вардар беше полн погодок. Клубот играше во Лигата на шампионите, добро се снајдов во Скопје. Храната и сместувањето ме воодушевија, како и луѓето во градот. Ракометот е многу популарен во Македонија и штета е што овој врвен клуб не се задржа во европскиот врв уште неколку години“, вели Моралес.
Кубанецот е еден од најдобрите стрелци во хрватскиот шампион и в четврток одново ќе има шанса да одигра дуел против македонски клуб, Еурофарм Пелистер, но овојпат во Лигата на шампионите.