Екипата на Кирил Лазаров на полувремето имаше 18-18, но со моќно второ полувреме стигна до убедлив триумф на Цетиње, 40-29. Скопскиот тим ја забележа втората победа во Регионалната лига, а се беше решено во второто полувреме, кое го доби со 22-11.
Сино-белите од Автокоманда подобро го отворија натпреварот и поведоа со 4-1. Домаќинот успеа да се доближи на 6-7, но гостите повторно го засилија ритамот и во 16. минута стигнаа до највисоки пет гола предност – 13-8.
Следуваше голем пад во играта на македонскиот претставник. Ловќен ја искористи кризата, постепено ја намалуваше негативата и во 28. минута израмни на 17-17. Црногорскиот состав потоа првпат поведе со 18-17, но Нејц Цехте погоди за 18-18 на полувремето.
Домаќините го постигнаа и првиот гол во вториот дел за водство од 19-18, а потоа на теренот постоеше само еден тим. Екипата на Кирил Лазаров направи серија од 6-0 и целосно го сврте натпреварот, 24-19.
Предноста потоа постојано растеше. Во 41. минута беше 26-20, а со нова серија сино-белите стигнаа до 30-23. Ловќен немаше сили повторно да се врати, па гостите мирно го доведоа натпреварот до конечни 40-29.
Најефикасен во победничкиот состав беше Иван Џонов со осум гола. Марко Митев постигна шест, додека Дамјан Митев и Ненад Костески реализираа по пет погодоци. Урош Борзаш, Игор Ѓоргиев и Нејц Цехте завршија со по четири.
Кај Ловќен, Мрваљевиќ постигна седум, Петричевиќ шест, а Поповиќ пет гола.
























