Final - Croatia vs Denmark, 29th IHF Men’s World Championship 2025, Baerum Oslo, Norway, 02.02.2025, Mandatory Credit © Sasa Pahic Szabo / kolektiff

Моќната Данска стигна до четврто светско злато во низа!

Репрезентацијата на Данска четврти пат по ред е светски шампион, откако во финалето на Мундијалот убедливо ја совлада Хрватска со 32:26. Данците ја диктираа играта во целиот натпревар, на пауза имаа предност од 16:12 и фуриозно ги одиграа првите десет минути од вториот дел, во кој беше направена клучната разлика за убедливиот триумф.

Финалето беше отворено со голот на Питлик, а избраниците на Сигурдсон бргу возвратија за 1:1. Нилсен во раната фаза од натпреварот дојде до 3 интервенции, па така Данска успеа да го награди неговиот труд и по пет минути игра имаше предност од 1:3, а во 10-та минута со голот на Јакобсен дојде и до плус три, 4:1.

Хрватите, кои речиси девет минути беа без реализација, конечно преку Главаш го постигнаа вториот гол намалувајќи на 4:2. Еден од главните адути на Хрватска, голманот Доминик Кузмановиќ дури кон средината на првото полувреме ја забележа првата интервенција.

Во еден момент, при предност на Данска од 7:5, репрезентацијата на Хрватска имаше напад за минус еден, но искусниот Шоштариќ погреши, па така Данска казни за 8:5. Сепак, ниту ракометарите на Јакобсен не играа на ниво и им дозволија на ,,коцкестите” да имаат шанса за камбек.

Final – Croatia vs Denmark, 29th IHF Men’s World Championship 2025, Baerum Oslo, Norway, 02.02.2025, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

По неуспешниот обид на Шипиќ да израмни, црвен картон заработи Марко Мамиќ поради груб старт на еден од противничките ракометари. Тоа значеше дека Сигурдсон ќе мора да ја менува тактиката во одбраната. Данците делуваа премногу нервозно, сакаа бргу да ги завршуваат нападите, но Хрватска никако не можеше да изедначи.

Гидсел и колегите во последните седум минути постојано водеа со три до четири гола разлика, а по 30 минути игра резултатот беше 16:12 во корист за скандинавската селекција.

Final – Croatia vs Denmark, 29th IHF Men’s World Championship 2025, Baerum Oslo, Norway, 02.02.2025, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Данска одлично стартуваше во вториот дел и за неколку минути игра зголеми на плус осум, 22:14. Веќе во тој период Хрватска влезе во данската машинерија и крена раце од финалниот дуел. Играта „седум на шест“ на Хрватска воопшто не даде резултат и  ракометарите на Јакобсен постигнаа два гола на празна мрежа. Веќе при предност на Данска од 24:14 во 40-та минута, јасно беше дека ракометарите на Сигурдсон настапот на Мундијалот ќе го завршат со сребрен медал.

Матијас Гидсел беше најефикасен во редовите на Данска, постигна десет погодоци, пет запиша Емил Јакобсен, по четири имаа Симон Питлик и Емил Мадсен. Кај Хрватска се истакна Иван Мартиновиќ со шест погодоци.