Тимот на Младост Богданци не дозволи изненадување и оствари убедлива победа на гостувањето кај Партизан Гевгелија со 39-23.
Иако домашните отворија со 4-1, сепак богданчани беа тие што диктираа темпо и резултат во продолжение. По 10-10, гостите погодија пет пати по ред за 15-10, а на паузата избраниците на Митко Стоилов водеа со 17-11.
Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Николоски со осум и Атанасов со седум гола, додека кај домашните се истакна Гетов со десет погодоци.
Скопје запиша нова победа откако лесно го совлада тимот на Преспа Вардар со 30-21. По стартот и водството од 5-1 за домашните јасно беше каков тек ќе има овој натпревар, па нејасно беше само со колкава разлика ќе слави Скопје.
Најдобри стрелци во домашниот состав беа Фичорски со пет и Кочески со четири погодоци, додека кај гостите по четири пати погодија Костовски и Лазарески.
На врвот на табелата во групата Б станува интересно, бидејќи Младост Богданци, Драчево и Скопје имаат по 16 бода, додека Македонија Ѓорче Петров е на четвртото место со 15, а Вардар Неготино има 13 и јасно дека овие екипи ќе играат во плеј-офот.