Младинска репрезентативка го засили Пелистер

Екипата на Пелистер полека започнува со комплетирањето на тимот за новата натпреварувачка сезона.

Прво засилување во битолскиот тим е младинската репрезентативка Ема Кирова, која во Пелистер ќе пристигне од старо-новиот шампион Ѓорче Петров.

Младата голманка во изминатата сезона имаше забележителни партии во Женската лига, а трансферот во Пелистер би требало да претставува отскочна даска во нејзината кариера, бидејќи ќе има поголема минутажа.

Добрите настапи на Кирова беа наградени и со сениорски повик, па така голманката беше во комбинација за квалификациските натпревари против Азербејџан и Литванија.

Од таборот на Пелистер за следниот период најавија уште неколку засилувања, а поголемиот број ракометарки од ланскиот ростер ги продолжија договорите.