Мартин Карапалевски се сели во Асобал лигата – потпиша за Ваљадолид!

Средниот бек на Вардар, Мартин Карапалевски, од лето ќе го има својот прв меѓународен предизвик во кариерата. По долги години настапи за Вардар и Вардар Јуниор, Карапалевски ќе се пресели во Асобал лигата и ќе игра за Ваљадолид.

24-годишниот плејмејкер ќе соработува со Давид Писонеро, кој мина краток период во Вардар, но добро ги познава квалитетите на Карапалевски. Македонецот потпиша договор на две сезони со можност истиот да биде продолжен за уште една ако двете страни се задоволни од соработката.

Tаму ќе му прави друштво на Димитар Димитриоски, кој ќе остане во Ваљадолид уште една сезона откако го продолжи договорот, додека Дарко Димитриевски заминува во Аликанте на лето.

Карапалевски нема голема минутажа оваа сезона, најчесто е во сенка на Косуке Јасухира, кој најверојатно ќе продолжи во Вардар, па Македонецот заминува во друга средина каде ќе може да ги покаже своите квалитети.

Ваљадолид e на седмото место на табелата со 23 бодови, само четири помалку од Адемар Леон, кој е на петтото место, последно што води во Лигата на Европа следната сезона, па лесно може да се случи шпанскиот тим да биде дел и од европските купови.