Марковиќ: Не сакам да сме задоволни со пораз од четири или шест гола – сакам победа!

Македонската женска репрезентација загуби од Црна Гора со 23-29 во вториот настап на „Трофеј Македонија“ во Охрид. Селекторот Игор Марковиќ го искористи натпреварот за испробување нови тактички решенија, меѓу кои и нападот седум на шест, но по средбата побара поголема верба и победнички менталитет од своите ракометарки.

Македонија во одредени периоди настапи со две пикерки и без голман во нападот. Марковиќ верува дека оваа варијанта може да биде важно оружје на Европското првенство, особено на натпреварот против Швајцарија.

„Мислам дека морам да ги убедам ракометарките дека сите мора да веруваме во тоа што го работиме. Тогаш сум сигурен дека играта седум на шест може да биде еден вид изненадување на Европското првенство, особено против Швајцарија. Овој натпревар служеше токму за да ги испробаме тие работи и од тој аспект сум задоволен“, изјави Марковиќ.

Македонија по првото полувреме имаше негатива од шест гола, а голем дел од предноста на Црна Гора дојде по грешки во нападот и погодоци на празен гол.

„Можам да бидам позадоволен од второто полувреме. Во првиот дел губевме со шест гола разлика, а мислам дека примивме четири погодоци на празен гол. Во сите ситуации за кои претходно кажавме дека не смееме да ги направиме, токму тоа го направивме и примивме голови.“

Селекторот најави детална анализа на грешките, бидејќи дел од нив се повторувале и покрај претходните предупредувања.

„Тоа се работи што ќе ги анализираме, ќе им ги покажеме на ракометарките и ќе им објасниме дека одредени работи буквално мора да бидат забранети. Мораме да имаме повеќе енергија и да веруваме во тоа што го работиме.“

Марковиќ не сака Македонија да се задоволува со пристоен пораз против поквалитетните репрезентации. Неговата порака до ракометарките била јасна и за време на еден од тајмаутите во завршницата.

„Околу 50. минута им кажав дека не сакам да загубиме и потоа да бидеме задоволни само затоа што разликата била четири, пет или шест гола. Сакам победа. Во тоа мораме да се убедиме. Од почетокот на натпреварот мора да имаме енергија која ќе ни овозможи да победиме репрезентација како Црна Гора, за која сум сигурен дека на следното Европско првенство ќе се бори за пласман меѓу најдобрите осум.“

Дополнителен проблем за македонскиот селектор се повредите во составот. Неколку ракометарки не можеа целосно да одговорат на неговите тактички замисли, а Ана Марија Коларовска го напушти натпреварот против Црна Гора поради повреда.

„Прво морам да се посветам на нашата репрезентација. По вчерашниот натпревар Ивана веќе беше повредена, Ангела имаше проблем, а денес се повреди и Ана Марија. Поради тоа, не можев да го испробам сето она што го планирав. Ивана мораше веднаш да излезе, додека Ангела почувствува болки во грбот.“

Последен противник на Македонија на турнирот ќе биде Хрватска, селекција која Марковиќ ја оцени како физички силна и квалитетна.

„Најпрво треба да видиме каква е состојбата во нашата репрезентација. Хрватска физички изгледа многу добро и станува збор за силна селекција. Ќе мораме да најдеме начин да ѝ се спротивставиме и да ги решаваме ситуациите на теренот, можеби повторно и со игра седум на шест“, заврши Марковиќ.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾

Македонија немаше сили за изненадуање против Црна Гора