Охрид со висока победа, 34-18 против Прилеп се загреја за она што им следи, ново дерби во домашното првенство. Во следното коло „гладијаторите“ гостуваат кај актуелниот шампион Вардар во Скопје. Тоа ќе биде нивни четврти меѓусебен меч во оваа сезона, по дуелите во Струга, Охрид и во Супер купот.
Охриѓани мечот го одиграа во петок, со цел да добијат време и за одмор и за подготовка на она што им следува. А прилепчани, не беа ривал кој можеше да им создаде проблем. Напротив, изгледаше како дуел на „нерамноправни ривали“. На гостите не им помогна ниту новото засилување Лав Зековиќ кој беше регистриран денеска.
Гостите двапати имаа минимална предност во воведниот дел, 1-0 и 2-1, но Охрид брзо ја презеде контролата и со серија од 3-0 поведе со 4-2. Прилеп до 14. минута успеваше да одржува резултатска рамнотежа и намали на 7-5.
Клучниот период започна по овој резултат. Охриѓани направија серија од 6-1 и во 22. минута стигнаа до 13-6. Прилеп тешко доаѓаше до чисти позиции, а одличниот Дино Славиќ со серија интервенции дополнително ја зголемуваше разликата.
Предноста на домашниот состав продолжи да расте, па со погодокот на Дарко Ѓукиќ во последните секунди од првото полувреме Охрид замина на пауза со двојно повеќе постигнати голови, 18-9.
Ниту на почетокот од вториот дел немаше промена на сликата на теренот. Охрид веднаш зголеми на 19-9, а потоа поведе со 23-11 и 24-12. Прилеп немаше сили да се врати во натпреварот, додека домаќинот продолжи да ја полни противничката мрежа.

Новиот голем пад во играта на гостите следуваше по резултатот 24-13. Охрид направи серија од 5-0 и стигна до највисоките 29-13, додека Прилеп беше без постигнат гол речиси девет минути. Денис Шабановиќ и Владан Кастратовиќ само ја намалија негативата на 29-15.
До крај остана високата предност, која беше „плус 16“ за домашните.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























