Македонската женска репрезентација по победата над Србија го забележа првиот пораз на „Трофеј Македонија“, откако Црна Гора славеше со 29-23. Ива Младеновска смета дека резултатот не треба да се сфати трагично, бидејќи екипата се приспособува на нов начин на работа и на барањата на селекторот Игор Марковиќ.
Во играта на Македонија веќе можат да се забележат тактички промени, но за целосно усвојување на новите идеи ќе биде потребно време.
„Вчера се радувавме, денес загубивме, но мислам дека поразот не е толку страшен. Полека почнуваме да играме нешто поразлично и сите сме порастоварени во играта. Потребно ни е време да се приспособиме и да се навикнеме на она што го бара селекторот“, изјави Младеновска.
Процесот на приспособување е двостран. Ракометарките треба да ги усвојат идеите на Марковиќ, додека новиот селектор треба подобро да го запознае составот со кој располага.
„Потребно е и селекторот да се навикне на нас, на нашиот начин на игра, на нашите силни страни, но и на слабостите. Се воигруваме, сите добиваме шанса и мислам дека, ако продолжиме добро да работиме, ќе бидеме сè подобри.“
Последен противник на Македонија на турнирот во Охрид ќе биде селекцијата на Хрватска, која на стартот одигра нерешено со Црна Гора. Младеновска верува дека македонските ракометарки можат да му се спротивстават на следниот ривал доколку одиграат концентрирано во текот на целиот натпревар.
„Хрватска и Црна Гора одиграа нерешено, но сепак мислам дека, ако добро влеземе во натпреварот, ако бидеме концентрирани и издржиме 60 минути, можеме да се носиме со Хрватска. Верувам дека можеме да се носиме и со секој противник на овој турнир.“
Македонија не успеа да го задржи потребното ниво во текот на целиот натпревар против Црна Гора, но поразот ќе послужи за анализа пред следниот предизвик.
„Денес можеби не успеавме во тоа, но се надевам дека со добра анализа ќе се подготвиме за Хрватска и ќе оствариме добар резултат“, заврши Младеновска.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























