Хрватска пресилна за Србија

Селекцијата на Хрватска славеше убедливо над Србија со 28-15 во првиот натпревар од вториот натпреварувачки ден на турнирот „Трофеј Македонија“ во Охрид.

Србинките за разлика од дуелот со Македонија, беа во егал со ривалот во првиот дел, особено во првите дваесетина минути, кога имаа и плус три, 6-3, но дозволија Хрватска набрзина да се врати во егал.

Се играше гол за гол кратко, 7-7 и потоа избраничките на Ивица Обрван полека ја преземаа контролата. На паузата беше 13-9, а во второто полувреме мина во комплетна доминација на Хрватска.

Нивната одбрана ја заврши работата, прими само шест погодоци, а секоја грешка на Србија беше казнета со лесни погодоци во контранапади. Најдобри стрелци беа Катја Вуковиќ со пет гола кај Хрватска и Александра Васиќ со исто толку кај Србија.

Во вториот натпревар од денешната програма, Македонија од 17:30 часот ќе се сретне со Црна Гора.