Македонија немаше сили за изненадуање против Црна Гора

Македонија загуби во вториот натпревар од „Трофејот Македонија“ од селекцијата на Црна Гора со резултат 23-29(15-9). По вчерашната воведна победа против Србија, Македонија се соочи со објективно поквалитетен противник, па конечниот резултат беше во втор план на овој дуел.

Од овој пораз, новиот селектор на македонската женска селекција ќе има убав материјал за анализа како да се подобри играта и подигне формата на екипата до Европското првенство кое ги очекува нашите ракометарки во ноември.

Македонските ракометарки имаа добар старт на натпреварот, па ниту расположениот голман Марсениќ, не влијаеше многу на резултатот на семафорот. Изедначена игра во која двете страни имаа свои моменти, но и грешки го диктираа составот кој е во предност. Средината на полувремето ги промени работите на терен, два контра-напади, една вонсериска ракометарка како Јауковиќ и Црна Гора имаше разлика од пет голови.

Во 28 минута со погодокот на Митровиќ на празен гол, Црна Гора ги запиша највисоките „плус шест“, 14-8. Во последните два напади за македонската селекција, голманот Марсениќ беше поуспешна од Сара Ристовска, а тоа остави простор за Црна Гора да ги заокружи првото полувреме со највисоките 15-9.

Второто полувреме гледавме порамноправна борба. Македонија успеа да врати два гола од високата предност на Црна Гора и внесоа возбуда во дуелот, но искусните гостинки ја имаа контролата над натпреварот. Иако не недостасуваше мотивот, квалитетот ја правеше разликата, онаму каде што застана Марсениќ со одбраните продолжи Бобовиќ, а на спротивната страна Македонија немаше решение за расположената Савиќ, затоа разликата во 54.минута дојде до „плус осум“, 28-20.

Во вториот дел селекторот Лазовиќ ја одмараше најдобра ракометарка на Црна Гора, Јауковиќ, но тоа не се почуствува на теренот. Во 53 минута Македонија остана без Ана Марија Коларовска која заработи повреда на ногата, а до крајот на натпреварот кога се беше веќе познато освен конечниот резултат двете селекции израмнето го завршија второто полувреме, за победа на Црна Гора со разликата од првиот дел и конечен резултат, 23-29.

Сара Ристовска постигна осум голови за Македонија, Јаневска ја следеше со 4 додека Савиќ и Мугоша постигнаа по 5.