Македонската репрезентативка Ивана Џатевска водеше големи битки со црногорските ракометарки на линијата од шест метри во вториот натпревар на „Трофеј Македонија“ во Охрид. По натпреварот, скинатиот дрес најдобро покажуваше колку жестока била борбата на теренот.
Македонија загуби од Црна Гора со 23-29, но Џатеска не штедеше сили во одбраната. Таа заработи две исклучувања, но успеа да го заврши натпреварот без црвен картон.
„Како и секогаш, чест и задоволство е да се игра за репрезентацијата на Македонија. Секогаш ќе дадам сè од себе, а ако треба, нека го скинат и целиот дрес“, изјави Џатевска.
Македонските ракометарки беа свесни за квалитетот и физичката сила на Црна Гора. За полесно да ја пробијат цврстата одбрана на противникот, на овој натпревар испробаа и напад со две пикерки.
„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар и дека мораме да бидеме цврсти во одбраната. Исто така, знаевме дека ќе биде тешко и во нападот, па затоа се обидовме да играме со два пикера.“
Македонија одигра подобро во второто полувреме, кога успеа да воспостави поголема рамнотежа на теренот и да ѝ пружи посилен отпор на фаворизираната Црна Гора.
View this post on Instagram
„Морам да кажам дека се боревме до самиот крај. Во второто полувреме одигравме многу подобро и покажавме дека можеме да му се спротивставиме на еден ваков противник.“
Натпреварите на турнирот во Охрид се важен дел од подготовките на Македонија за настапот на Европското првенство. Џатевска смета дека репрезентацијата има доволно време да ги поправи слабостите и да ја подигне формата.
„Мислам дека имаме простор и време да се подготвиме за Европското првенство. Секој пријателски натпревар и секој тренинг претставуваат можност да се тестираме и да видиме на кое ниво се наоѓаме. Ваквите силни пријателски натпревари секогаш се добредојдени“, заврши Џатевска.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























