Манасков: Секогаш имам највисоки цели – сакам двојна круна со Еурофарм Пелистер!

Левото крило Дејан Манасков во продолжението од сезоната ќе ги брани боите на шампионот Еурофарм Пелистер.

Тој откри дека преговорите долги, но се завршиле на обострано задоволство и очекува возбудлива полусезона.

„По подолги преговори успеавме да се договориме со клубот. Чест и задоволство ми е што ќе бидам во Битола, град во кој навивачите го познаваат ракометот. Тука сум настапувал многу пати и секогаш било забавно, сум бил на спротивната страна, но сега патот ме донесе на домашната страна. Останува да работиме, да се надградуваме, пред нас е возбудлива полусезона, јас знам кои се целите на клубот“, вели Манасков.

Целта на клубот е да се освои двојната круна во Македонија.

„Секогаш во кариерата сум се стремел кон највисоките цели, така ќе биде и сега. Задачата е се освои двојна круна, ќе биде тешко, ама ќе работиме за да бидеме најдобри што можеме. Имаме добра екипа, покриени сме со квалитетни играчи на сите позиции. Добро е кога има конкуренција во тимот. Останува да се воиграме, некои играчи си заминаа, некои дојдоа, ќе се направи добар микс и заедно да дојдеме до зацртаните цели. Ќе биде неизвесно до самиот крај, заостанува еден бод во однос на двата главни конкуренти, ќе се обидеме тоа да го надополниме и се радуваме. Најважно е да се служи здравјето“, продолжи Манасков.

По настапите за Металург, Вардар, Рајн Некар и Веспрем во Лигата на шампионите, Манасков одново по една сезона пауза ќе биде дел од елитното натпреварување.

„Ќе ми биде драго по подолга пауза да играм во ЛШ. Таму настапував околу 11 години. Тие четири натпревари се добредеојдени и се надевам дека ќе успееме некому да му откинеме некој бод, да се претставиме во најдобро светло. Да ги искористиме истите за тоа што не очекува во домашното првенство и Купот. Сакаме двојна круна, ќе се подготвиме најдобро што можеме за да ги освоиме титулите“, заврши Манасков.