Еурофарм Пелистер на гостувањето во Унгарија кај Веспрем загуби со 33:26 во натпревар од 9. коло од Лигата на шампионите.
Избраниците на Чави Пасквал победата си ја обезбедија уште во првите петнаесетина минути и до крајот одиграа доминантно против битолскиот тим.
Свој камбек во „Веспрем Арена“ имаше Дејан Манасков, кој дел од својата кариера го мина во унгарскиот шампион.
,,За мене ова беше посебен ден, првпат се враќам во „Веспрем Арена“ по заминувањето од клубот. Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе во клубот, на гледачите и да им порачам дека секогаш тука ќе се чувствувам како дома. Веспрем покажа каква екипа е во првиот дел. Во второто полувреме се подобривме, голманите ни помогнаа, но разликата во квалитет беше видлива. Верувам и навивам овој Веспрем да ја освои Лигата на шампионите оваа сезона“, изјави Манасков.
Тренерот Раул Алонсо го коментираше поразот од Веспрем и истакна дека натпреварот бил решен уште во воведниот дел.
,,Честитки за Пасквал и за сите ракометари на Веспрем. Сакавме да се претставиме подобро во првиот дел. Натпреварот беше решен по само десет минути. Веспрем покажа моќ, имаше баланс во играта и по половина полувреме имаше осум разлика. Среќен сум за реакцијата во вториот дел, не беше лесно да се вратиме. Публиката беше одлична, им даде голем поттик на домашната екипа. Ние треба да го анализираме овој натпревар, а на Веспрем му посакувам успеси и остварување на сите цели“, изјави Алонсо.
Македонскиот шампион во следното коло ќе се соочи со тимот на Висла Плоцк на домашен терен.