Еден од најискусните репрезентативци на Македонија, Никола Костески, по шест сезони минати во странство, најверојатно ќе се врати во својата татковина. Како што дознава 24Ракомет, десното крило треба да биде новото засилување во тимот предводен од Кире Лазаров.
Засега е познато дека актуелниот голман на Еурофарм Пелистер, Марко Кизиќ, ќе се пресели во таборот на „сино-белите“, со што ќе се зголеми бројот на македонски репрезентативци во тимот кој важи за клуб-репрезентација.
Десната крилна позиција е најпроблематичната во тимот од Автокоманда, бидејќи Александар Петковски и Александар Стојков се повредени, а Лазаров на тие позиции ги користеше Давид Савревски, Мартин Димовски, Мартин Велковски, па дури и Мартин Серафимов.
Искусниот Костески својата кариера ја започна во родната Струга, потоа настапуваше за Металург, со некогашниот македонски суперлигаш четири сезони играше во Лигата на шампионите, а во 2017 години одлучи да започне интернационална кариера.
Првиот странски клуб на Костески беше турската Селкаспор, потоа играше за словачкиот Татран Прешов, пред да замине во Австрија. Во Австрија две сезони го носеше дресот на Линц и една сезона настапуваше за Холабрун. Од сезона 2022/23 е член на актуелниот шампион на Чешка, Плзен.
Тој беше дел од македонската репрезентација што настапи на Европското првенство во Германија во јануари годинава, а беше и важна алка во играта на нашата селекција и на бараж двомечот со Фарски Острови.