Машката кадетска репрезентација загуби од Полска со 30-26 и ќе разигрува за пласман од 17 до 24 место, односно за опстанок на ЕП и избегнување на враќање во Б дивизијата (ЕХФ шампионат), каде што испаѓаат трите последни од овој континентален собир. Победникот беше најавен во првиот дел, но во второто полувреме македонските кадети одиграа подобро, намалија на минус еден, но одбраната не беше на потребното ниво и немаше шанси да се избегне поразот.
Ова беше трет пораз за Македонија, по оние од Францција и Германија, па сега немаме шанси ниту за пласман на Мундијалот, каде одат селекциите што ќе се пласираат до 15 место на ова ЕП.
Отворивме лошо и по седум минути Полска водеше со 7-2, а притоа голманот Николовски одбрани и пенал. Сепак одбраната малку се консолидира, топките до Ристевски на линијата поминуваа и Македонија фати приклучок.
Беше 8-6, по голот на Матески, но потоа следуваа три грешки на избраниците на Наум Танески и Полска одново отиде на плус пет, 11-6. Македонија седум минути немаше постигнато гол, па нашиот селектор мораше да бара тајм-аут.
Ристевски даде два гола во серија за 13-9, откако Николовски спречи еден зицер. По грешката на Полјаците, Лазаров казни со удар од далечина за 13-10 и тоа беше знак за селекторот на Полска, Јурасик, да бара тајм-аут. Не се промени нешто особено по тоа и на пауза се замина со 14-11 за Полска.
Стартот на вториот дел тргна со голови на Митев и Ристевски, како и одбрана на Николовски, па Македонија намали на 14-13. Полска по две одбрани на одличниот голман Калета пак замина на плус три, 17-14, но и ние возвративме со два гола во серија за 17-16.
Македонскиот напад немаше течност, па Танески мораше да бара тајм-аут по негативата од минус три, 19-16. Во следниот период се погодуваше паралелно и на двете страни, а натпреварот влегуваше во клучните минути.
Со двата гола на Димовски, одново Македонија фати приклучок и на десетина минути до ркајот беше 22-21. Полјаците одржуваа водство од еден до два гола разлика, но по грешката на Митев заминаа на плус три, 26-23, кога остануваа да се играат уште пет минути. Следуваа уште две грешки, Полска казни и немаше време за нешто повеќе.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Митев со 12 и Ристевски со седум погодоци, додека голманите Николовски и Трајковски запишаа 10 одбрани, три помалку од полското дуо Калета-Закржевски. Во составот на Полска најмногу гола, вкупно девет, даде Хрзастовски.