Женската младинска репрезентација на Македонија триумфираше и на пријателскиот меч против Кина и на турнирот во Автокоманда ќе игра за првото место со Исланд.
Избраничките на Дарко Јанев вечерва за ривал ја имаа репрезентацијата на Кина и со одличната игра во двете полувремина дојдоа до победа од три гола разлика, 34:31 (19:14).
Претходно, Македонија на стартот од турнирот славеше над Бразил со 38:29 и со денешниот триумф над Кина покажа дека се наоѓа во одлична форма пред стартот на Светското младинско првенство.
Утрешниот дуел со островската земја е закажан за 19:00 часот, а по одиграниот турнир селекторот Јанев ќе треба да го соопшти и конечниот список за настап на младинскиот Мундијал, на кој домаќин ќе биде Скопје.
Младинките на Македонија на Светското младинско првенство ќе играат во група заедно со репрезентациите на Исланд, САД и Ангола.
Првопласираната и второпласираната репрезентација од секоја група ќе обезбеди пласман во главната фаза.