Македонија Ѓорче Петров ја освои Автокоманда – се вжештува трката за елита!

Тимот на Македонија Ѓорче Петров оствари важна победа во прволигашкиот плеј-оф, откако на гостувањето во Автокоманда славеше над „витамините“ со 31:29.

Ѓорчепетровци сега имаат 17 бода, исто колку што имаат и момците на Миле Бочкарковски, и овие две екипи се наоѓаат на делба на второто место.

Лидер е Еурофарм Пелистер 2 со 22 бода и јасно дека битолчани ќе бидат патниците во Супер лигата, но за второто место што води во бараж пресметка, трката допрва ќе се вжештува.

Иако домаќините водеа со шест гола во текот на мечот, сепак како одминуваше времето така „дробилицата“ од Ѓорче Петров се враќаше во игра, за во финишот домашните три минути да останат без гол, а казната ги стигна.

По 29-29, најпрво Божиновски беше прецизен, а точка на мечот стави Бучуковски со голот за плус два, 31-29 и големо славје во Автокоманда.

Македонија Ѓорче Петров го имаше Бојан Чакалиќ со 11 голови, а по пет дадоа Матеј Марковски и Мартин Бучуковски. Во поразениот тим се истакна Бојан Поповски со девет гола.