Машката младинска репрезентација на Македонија загуби на првиот натпревар од Норвешка со 36-31. Скандинавците од средината на првиот дел почнаа да ја градат предноста, на полувремето имаа плус четири, 18-14, а во вториот дел само ја довршија започнатата работа. Предводник на Норвешка беше одличниот голман Гледич кој успеа да одбрани 12 удари на македонските ракометари, а меѓу стрелците доминираа Стреисланд и Соберг кои дадоа осум, односно седум гола. Во македонскиот состав се истакнаа Матески и Поповски со по шест погодоци.
Голманот Николовски го отвори мечот со одбрана, но во првите десетина минути се играше гол за гол. Македонија при водство од 5-4, имаше шанса за да води со плус два, но не беше искористена, па следуваше пад во нашата игра.
Противниците го искористија тоа набрзина да ги казнат грешките и да поведат со три гола, 9-6, а имаа шанса и за четири гола водство. Лазов ја прекина серијата без погодок и по петнаесетина минути ига беше 9-7 за скандинавците.
Македонските ракометари промашија два седмерци во овој период од играта, се разбрани противничкиот голман Гледич и разликата постојано се движеше меѓу два или три гола за норвешката селекција.
Примавме многу лесни погодоци од крилните позиции, а кога Норвешка отиде на плус четири, 16-12, Илиевски мораше да реагира со тајм-аут. Разликата во корист на противникот не се промени до крајот на првиот дел, 18-14.
Вториот дел го отвори Крстевски со погодок, но потоа следуваа три грешки во низа и Норвешка стигна до највисоките плус седум, 22-15. Македонскиот селектор мораше да бара веднаш тајм-аут.
Нашите момци имаа повремени блесоци, но тоа беше премалку да се заканиме кон високата предност на Норвешка, па во последните десетина минути се влезе со 29-24 за противникот. Имавме еден напад за да минус четири, но Гледич одбрани и до крајот веќе немаше дилеми дека скандинавците ќе слават со висока разлика.
Во второто коло утре од 13:30 часот, Македонија ќе игра против Хрватска, која денеска треба да се соочи со Данска. Во главната рунда ќе одат прво и второпласираните селекции од шесте групи.























