Македонецот херој на Ферлах: Павлов во последната секунда донесе триумф (ВИДЕО)

Македонскиот интернационалец Хари Павлов вечерва беше херој на австрискиот суперлигаш Ферлах и со гол во последната секунда на својот тим му донесе триумф од 27:26 против Грац.

Во натпревар со голема неизвесност, тимот на Ферлах успеа да се израдува на првата победа во шампионатот на Австрија.

Најзаслужен за освоените два бода беше токму Хари Павлов, кој го одигра најдобриот натпревар во дресот на Ферлах.

Павлов во дуелот со Грац постигна четири погодоци, последниот го даде за победа, но одигра и одлично во одбраната.

Следен предизвик за Павлов и колегите е гостувањето кај тимот на Холабрун.