Новата Регионална ракометна лига ги доби раководните структури за првата сезона. На конститутивната седница на Управниот одбор на машката и женската регионална лига беа донесени повеќе важни одлуки за функционирањето на натпреварувањето, а значајна улога во организацијата ќе има и Македонија.
Македонецот Ѓоко Колевски е именуван за комесар за натпреварување на Регионалната ракометна лига. Тоа значи дека поранешниот македонски судија ќе биде еден од клучните луѓе во оперативниот дел на лигата, односно во делот поврзан со натпреварувачкиот систем и спроведувањето на сезоната.
Управниот одбор го сочинуваат по еден претставник од трите федерации-основачи – Ракометниот сојуз на Србија, Ракометната федерација на Македонија и Ракометниот сојуз на Црна Гора. Сите одлуки на првата седница биле донесени со консензус на трите членки.
За претседател на Управниот одбор е избран Иван Миливојевиќ, со утврден редослед на ротација на претседавањето по сезони, додека за извршен директор на лигата е именувана поранешната црногорска репрезентативка Милена Раичевиќ, со мандат од две сезони.
Колевски е добро познато име во македонскиот ракомет. Има значка на ЕХФ и судел многу меѓународни натпревари, и финални дуели од куповите на ЕХФ, а долги години беше дел од судиската двојка заедно со Сашо Кркачев. Двојката судеше и натпревари во регионални и меѓународни натпреварувања, а во домашниот ракомет долго важеше за еден од поискусните судиски тандеми.
И во минатото Колевски повеќепати беше поврзуван со можност да биде дел од раководните структури во однос на натпреварувањето, но сега тоа добива и официјална потврда, само како дел од Регионалната лига. Од ова сезонава Колевски премина во делегати, и во иднина свирчето на терен ќе го замени со делегатската улога на записничката маса.
На конститутивната седница на Регионалната лига беа усвоени и Правилникот за натпреварување и Дисциплинскиот правилник, кои ќе се применуваат од сезоната 2026/27 и во машката и во женската лига. Именувани се и останатите лица во органите на лигата – Ненад Николиќ од Србија ќе биде комесар за судење, Веселин Радетиќ од Црна Гора комесар за безбедност, а во Дисциплинската комисија ќе членуваат Бојан Перовиќ од Србија, Борко Бајалски од Македонија и Стефан Шапоњиќ од Црна Гора.
Регионалната лига треба да биде заеднички проект на Србија, Македонија и Црна Гора, со машко и женско натпреварување. Според најавите, првото коло во машката лига е закажано за 23 август 2026 година, додека женската лига ќе стартува претходно според договорот на клубовите.
Сепак клубовите меѓусебе може да се договорат и играње на своите дуели во друг термин, а дуелите од домашното првенство ќе се сметаат исто така и за Регионалната лига. Од следната сезона лигата треба да се игра по поинаков распоред, со нормални и договорени датуми за колата.
Во машката регионална лига настапуваат екипи од три земји, од Македонија, Србија и Црна Гора, поделени во две групи по пет екипи. Првите две ќе се пласираа на Ф4 турнирот кој би требало да се одигра напролет.























