Maкедонското Бундес дерби за Томовски, големи бодови за Миркуловски против Фуксе Берлин

Тројца македонски репрезентативци вечерва беа на терените во Бундес лигата со своите екипи. Мартин Томовски со неговиот Лудвигсхафен беше домаќин на Штутгарт и Жарко Пешевски и славеше победа 28:24.

Првиот дел беше клучен за победникот кога Лудвигсхафен обезбеди позитива од 14:8. Во продолжението тимот на Томовски имаше и двоцифрена позитива, само во финишот Штутгарт успеа да го ублажи поразот.

Пешевски на овој натпревар постигна еден погодок од два удари. Додека Мартин Томовски имаше солидна партија и за едно полувреме успеа да забележи шест интервенции. Лудвигсхафен е на 17. место, а Штутгарт на 13. место на табелата во Бундес лигата.

Екипата на Вецлар оствари важна победа против Фуксе Берлин на домашен терен со 29:27. Составот на Филип Миркуловски беше во водство во текот на целиот натпревар и сосема заслужено триумфираше. Повратникот во македонската репрезентација не усепа да се запише во листата на стрелци на овој дуел.