Лембанов поднесе оставка, Темелковски ќе го води Пролет

Тимот на Пролет потврди дека клупската легенда и поранешен македонски селектор Илија Темелковски, ќе го води тимот на претстојното гостување кај Прилеп во натпревар од 9 коло во Супер лигата.

Тренерот Алексо Лембанов си поднесе оставка од функцијата по шокантниот пораз од Вардар Неготино, но управата се уште нема донесено одлука дали истата да биде прифатена.

„За да не бидат донесени брзоплети решенија, одлучивме за истата да се дискутира за време на паузата поради ЕХФ-неделата, a во меѓувреме тимот во Прилеп ќе го предводи Темелковски. Поранешниот македонски селектор е една од најголемите клупски легенди на Пролет и немаме сомнеж дека ќе успее да го извлече максимумот од играчкиот кадар што го има на располагање и ќе дојде до позитивен резултат, со кој би си го зацврстиле местото кое води во плеј-офот“, се вели во соопштението на Пролет.

Следен предизвик за Пролет ќе биде гостувањето кај Прилеп.