Лазаров: Австрија е репрезентација која знае што сака

Македонија денеска го има првиот предизвик во главната рунда од Светското првенство и ќе се соочи со Австрија.

Селекторот Кирил Лазаров добро го има анализирано противникот, знае каде е најопасен, и посакува голема поддршка од публиката.

„Австрија е репрезентација која знае што сака во секој дел од мечот. Двајца важни играчи им се повредени што е секако плус за нас, ќе пробаме тоа да го искористиме. Но, без разлика на се, нивниот систем функционира во сите фази на ракометната игра и доста сме претпазливи, се надевам дека подготвени ќе го дочекаме мечот. Ќе биде тешко, исцрпно…Мора да бидеме физички и ментално спремни, треба да го одработиме мечот квалитетно“, изјави Лазаров.

Македонските навивачи ќе бидат на трибините во Вараждин, иако не во толкав голем број како во групната фаза.

„Мора да ветиме дека ќе бидеме борбени, се надевам дека македонските навивачи ќе дојдат, можеби не во толкав број како од групната фаза, но сепак тие ќе бидат наша додадена вредност. Ние секогаш очекуваме победа, некогаш сме реални некогаш не, но затоа тренираме”, заврши Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Австрија се игра во „Вараждин Арена“ со почеток од 15:30 часот.