Тимот на Анталија Коњалти, каде што играа три македонски репрезентативки – Елена Ѓорѓиевска, Ивана Гакидова и Моника Килдан Јанеска, преживува тешки моменти.
По смената на градските власти, на почетокот на оваа година, Коњалти веќе не ја добива истата поддршка од општината од претходно и влезе во голема криза.
Се должеа плати, се зголемуваа долгови…тимот го напуштија скоро сите домашни ракометарки, а останаа интернационалките да ги бранат боите на клубот. Регуларниот дел беше завршен без ниту еден загубен бод, но во полуфиналето на плеј-офот, Коњалти беше елиминиран од Јeнимале со два порази.
Сериозно е доведено во прашање понатамошното егзистирање не само на Коњалти, кој минатата сезона го освои трофејот во Европскиот Куп, туку и на Кастамону, кој играше и во Лигата на шампионите и ги има истите маки како тимот од Анталија.
Турската федерација објави соопштение во кое ги повика градските власти да ги преиспитаат своите одлуки да ги скратат вложувањата во двата клуба и побара понатаму да продолжат со поддршка.