Куманово парираше едно полувреме, шампионот запиша убедлив триумф

Актуелниот шампион Ѓорче Петров на свој терен славеше против некогашниот првак на Македонија, тимот на Куманово, со 28:19 во натпревар од 4. коло од плеј-оф фазата во Женската лига.

Гостинскиот тим се обидуваше да се покаже во добро светло, во неколку наврати се закануваше, ја имаше расположена Зечевиќ, која во првиот дел беше најекспонирана фигура во тимот на Славиша Димитријески, но домаќинот не дозволи да има никакво изненадување.

Иако Ѓорче Петров тргна според посакуваното, кон средината на првиот дел имаше постигнато седум, а примено само два гола во својата мрежа, гостинките во последниот период од првото полувреме како да се разбудија. По предноста на ,,лавиците” од 10:6, Куманово со два гола во низа, кои беа дело на Зечевиќ и Еленин, намали на минус два, 10:8.

Од тој момент, па до крјајот на полувремето предностна на домашниот тим се движеше од два до три гола разлика, а по 30 минути игра резултатот беше 13:11 во корист за избраничките на Симе Симовски.

Куманово со голот на Несторовска на стартот на вториот дел намали на 13:12 и токму од 33-та минута шампионот сериозно си ја сфати работата, заигра поангажирано, дојде до 19:13 во 40 минута и до крајот само ја зголемуваше предноста за конечни 28:19.

Најефикасна во победничката екипа беше Анастасија Николовска со осум погодоци, додека кај Куманово се истакна Сузана Зечевиќ со шест реализации.