Куманово го изненади Пролет и го врати чекор назад

Екипата на Куманово се израдува на петти триумф во новата сезона, откако на свој терен триумфираше над Пролет со 23:21, а денешниот пораз за скопскиот тим е чекор назад во обидите да стигне до евентуален пласман во плеј-офот.

Откако беше 4:4 во воведните десет минути, гостите на двапати имаа плус два, (6:4, 8:6), но домаќините израмнуваа, па така во 20 минута резултатот беше нерешен, 8:8.

Беше 9:9 пред Пролет да ја врати максималната предност од воведниот дел, на пет минути пред крајот на првиот дел со двете реализации на Палевски поведе со 11:9, а во 28 минута дојде и до плус три, 12:9.

Тимот предводен од Матлиески имаше шанса да замине со поголема предност на пауза, но Куманово за две минути игра постигна два гола и по 30 минути игра резултатот беше 12:11 во корист за гостите.

Куманово одлично го отвори вториот дел и со серија од 4:0 направи комплетен пресвет поведувајќи со 15:12. Гостинскиот тим првиот гол во вторите 30 минути го постигна дури во 37 минута преку Стоилевски, кој намали на 15:13, а минута подоцна истиот ракометар реализираше за минусс еден, 15:14.

Избраниците на Димковски како да подзастанаа и му дозволија на ривалот да израмни на 16:16. Сепак, ниту Пролет не играше на ниво, седум минути беше без реализација, домаќините тоа го искористија и со серија од 4:0 дојдоа до 20:16 во 50 минута.

Пролет се обидуваше да се врати во игра, искористи дел од грешките на домаќините, на минута пред крајот, по неколку пропуштени шанси, конечно намали на минус еден, 22:21, останаа уште триесетина секунди, а младинскиот репрезентативец Давид Димевски со својот 6-ти гол ја запечати победата на својот тим.

Најефикасен на натпреварот беше членот на Пролет, Давор Палевски, кој запиша десет погодоци, додека кај домаќините Давид Димевски имаше шест реализации.