Македонскиот првак Еурофарм Пелистер им се враќа на обврските во Лигата на шампионите и го очекува гостување кај Спортинг Лисабон.
Португалскиот првак игра одлично веќе неколку сезони, сезонава победуваше со големи разлики екипи како Веспрем, ПСЖ, Фуксе Берлин…
Тренерот Рикардо Кошта очекува дека битолчани може да им направат проблеми.
„Ќе се соочиме со Еурофарм Пелистер, противник кој не успеавме да го победиме на првиот натпревар. Сега ќе имаме поддршка од нашите навивачи и подготвени сме да се соочиме со сите тешкотии што противникот ќе ни ги предизвика. Треба да ги натераме сите играчи да бидат фокусирани на тимот по енергичното Светско првенство за Португалија“, изјави Кошта.
Натпреварот меѓу Спортинг Лисабон и Еурофарм Пелистер е закажан за утре со почеток во 20:45 часот.