Кој ќе го наследи Мукаетов? Засега тројца во игра за престолот во РФМ!

Во втората половина на февруари 2025 година македонскиот ракомет ќе добие нов претседател. Сегашниот, Живко Мукаетов, веќе не може да се кандидира бидејќи го искористи законскиот максимум од два последователни мандати според кој може да води национална федерација. Така РФМ ќе мора да избира нов претседател, и тоа веднаш по завршувањето на машкото СП. A со претседателот ќе има смени и во органите на РФМ, пред се местото генерален секретар, кој треба да биде постојано дел од федерацијата, на дневна основа и од својата канцеларија во федерацијата секојдневно да се соочува и да ги решава можните предизвици.

Актуелниот претседател е на оваа позиција од 2013 година кога како единствен кандидат го наследи Михајло Михајловски. И на неговите следни реизбори, немаше ниту еден противкандидат. Секогаш Мукаетов беше избиран со акламација, во 2017 и во 2021, иако тој последен избор беше најтурбулентен, барем зад кулисите, со најава за противкандидати, кои сепак не се појавија на изборите. Но, сега веројатно нема да биде така, бидејќи барем во ракометните кулоари има три имиња кои би можеле да се најдат на гласачкото ливче.

Како најсериозен кандидат се споменува Александар Стефанов, чија база е ракометниот клуб Бутел Скопје. Но, меѓу можните канидати се споменуваат и Драган Начевски и Ѓоран Ѓоргоноски. До февруари може да има и нови кандидати, а некој може и да се откаже. За да биде некој кандидат, треба да биде член на Собранието, односно да биде претставник на клуб, или на некое Здружение кое е претставено во Собранието.

Стефанов се споменуваше уште пред две години како можен наследник кога проструи можноста Мукаетов да се повлече зaтоа што беше поврзуван со Македонскиот Олимписки Комитет. Стефанов е поранешен ракометар и има сопственички удел во компанијата која е еден од спонзорите во машката екипа на Бутел. Во моментов е заменик-член на УО на РФМ. Често беше „најистурен“ член на УО на одредени места каде требаше да има претставник на РФМ, што укажува на довербата што ја има кај сегашната структура. Тој веројатно ќе има поддршка од клубовите при кандидатурата. Дека планира да се кандидира најави при гостување на еден економски подкаст. Се шпекулира дека веќе има и екипа која работи на терен, и контактирани се и можни членови за нов УО. Останува да се види дали ќе донесе свеж воздух во простории на федерацијата, или ќе остане да го користи истиот „клима уред“.

Драган Начевски е поранешен генерален секретар на РФМ, судија и делегат кој лани „заврши со обврските во ЕХФ“ каде беше одговорен за судиите. Во сегашниот мандат на актуелниот претседател, Начевски беше негов советник. Има искуство во раководење и работа со РФМ, но можен проблем може да биде тоа што не се знае како ќе биде прифатен од страна на ЕХФ, бидејќи е „ослободен од сите должности“. Судиите и делегатите сигурно би го поддржале за кандидатурата, што би значело најмалку шест сигурни гласови.

Последниот кандидат, исто така јавно најави ќе се кандирира. Дали е тоа навистина, или само можна медиумска мамка ќе видиме. Горан Ѓоргоноски, е поранешен репрезентативец кој зад себе има искуство и на клупски план, во Металург и Голден Арт. Раководи со проектот „Ракомет за секое дете“ и го има во моментов единствениот ракометен камп во Македонија. Тој откри дека „има одредени структури кои го поддржуваат“ во кандидатурата за претседател. Ако е вистина, тогаш наскоро ќе треба да ги „отвори картите“.

Едно е сигурно дека после 2009 година, сега ќе има првпат вистински избори, со повеќе кандидати кои ќе презентираат или барем би требало да имаат програма. Со лобирање и гласање, каде ќе се мерат силата и умешноста на кандидатите и оние околу нив.

Најважно е ракометот да тргне напред, да нема „грешки во чекори“ како досега и да имаме транспаретна федерација, и клубови кои ќе имаат исти услови за натпреварување, напредување и задржување на спортот на пиедесталот.