Денеска е завршниот ден на годинешниот Ф4 турнир од ЛШ, кој традиционално се одржува во германскиот град Келн. Иако пласман на завршницата обезбедија два бундеслигаши – Магдебург и Кил, сепак, во финалето ќе играат Алборг и Барселона.
Алборг во полуфиналето го елиминира ланскиот освојувач Магдебург, додека Барселона полесно од очекуваното триумфираше над Кил и денеска ќе се бори за 12. круна во европската елита. Данскиот шампион ќе го одигра второто финале во Лигата на шампионите и во вториот обид ќе посакува да дојде до прв европски трофеј.
Барселона во сезона 2021/22 ја освои 11. титула во ЛШ, потоа во следната сезона дојде до Ф4, но во полуфиналето беше елиминирана од Магдебург, па така каталонскиот гигант на крај ја освои бронзата.
Тимот на Алборг во својата историја има играно само едно финале, во сезона 2020/21, тогаш во борбата за златото се судри со Барселона и доживеа убедлив пораз од 36:23. Големата ѕвезда и член на Алборг, Микел Хансен, денеска ќе го има својот последен натпревар на клупско ниво.
Финалето меѓу Алборг и Барселона ќе се одигра со почеток од 18:00 часот, додека натпреварот за трето место е закажан за 15:00 часот. Правдата на финалето ќе ја дели најдобрата судиска двојка од Македонија – Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.