Коцев: Ги знаеме и позитивните и негативните страни на Струга, се надевам на три бода

Тимот на Тиквеш го очекува нов натпревар во суперлигашката конкуренција и незгодно гостување кај Струга.

Левото крило Димитар Коцев, знае дека нема да биде лесно во сабота, но смета дека кавадарчани можат до целиот плен.

„В сабота нема да биде лесно,но ние на секој натпревар мислиме само на победа и се надевам ќе дојдеме до три бода. Во Кавадарци пружија отпор, но и ние многу промашувавме, сепак Струга е една квалитетна екипа со искусни играчи и игра дисциплиниран ракомет. Веќе сите во лигата се познаваме добро, но и ги анализиравме и утврдивме нивните позитивни и негативни страни“, вели Коцев.

По европската елиминација, Тиквеш ќе може да се посвети само на домашните обврски, каде има високи амбиции.

„Добро е за нас како екипа што после елиминацијата од Кремс победивме во домашното првенство. Ние одиме натпревар по натпревар и се фокусираме само на натпреварот што ни следува затоа што само така може да направиме нова серија победи. Нормално е после таков густ распоред да има по некоја повреда, имавме заслужен одмор, па мини припреми за натпреварите кои следуваат“, вели Коцев.

Натпреварот меѓу Струга и Тиквеш се игра в сабота во „Нико Нестор“ со почеток во 14:30 часот.