Драматични натпревари и неколку големи изненадувања го одбележаа крајот на прелиминарната фаза на Светското првенство за кадетки во Романија. Познати се сите 16 репрезентации кои ќе ја продолжат битката за медалите во главната рунда.
Франција ја обезбеди визата за следната фаза со победа над Хрватска (29:27), додека актуелниот шампион Шпанија со три победи го освои првото место во групата, совладувајќи ја Германија со 27:24. Максимален ефект остварија и Унгарија и Словачка, кои во директните дуели беа подобри од Шведска (35:29) и Јапонија (32:30).
Големо изненадување приреди Кина, која убедливо ја совлада домаќинот Романија со 31:24 и го освои првото место во групата. Данска со пресврт ја победи Чешка (23:21), Јужна Кореја без проблеми славеше над Мексико (40:17), додека Холандија ја елиминира Португалија со триумф од 27:24.
Пласман во главната рунда изборија уште Црна Гора, Швајцарија и Словенија, а Египет го привлече вниманието со историската победа од 83:17 против Фиџи. Африканките поставија неколку нови рекорди на младинските мундијали, меѓу кои и најмногу постигнати голови (83), најубедлива победа (+66) и најмногу голови на еден натпревар (100).

























