Кил замина со ветување: Ќе дојдеме да играме на турнирот во Охрид

Бундеслигашкиот првак Кил победнички заминува од Македонија, но пред летот за Германија, „зебрите“ имаа средба со раководството на Охрид.

Спортскиот директор Виктор Силаѓ, тренерот Филип Јиха и Домагој Дувњак, беа на средба со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, и спортскиот директор на охридскиот клуб Славчо Ристески.

На средбата двете страни разговарале за идна можна соработка, а од Охрид ќе упатат официјална покана до Кил за учество на турнирот „Крсте Андоновски“.

Германците најавиле и ветиле дека таа ќе биде разгледана и ако се вклопува во календарот за следната и за некоја од идните сезони, со задоволство би била прифатена.

Кил славеше во Битола кај Еурофарм Пелистер со 23-20 во Лигата на шампионите и сега има три од три во елитното натпреварување.