Кицеска: Знаевме што нѐ очекува, одигравме тимски и борбено

Македонскиот шампион Ѓорче Петров е пред пласман во осминафиналето од Европскиот Куп, откако на првиот дуел против белгискиот Ојпен славеше со 45:39.

Голманката на Ѓорче Петров, Слободанка Кицеска, имаше солидно издание меѓу стативите и денешниот европски дуел го заврши со 11 интервенции.

Искусната голманка ги сподели своите впечатоци по победата над Ојпен и истакна дека нејзиниот тим одиграл на ниво, со мали недостатоци во одбрана и напад.

,,Знаевме дека нѐ чека тежок меч, во кој домашната публика направи убава атмосфера и навистина беше прекрасно да се игра пред полна сала. Ојпен беа мотивирани и сакаа да го оправдаат домашниот терен. Кога сме кај нашата игра покрај “тешките нозе”, без разлика на терминот во кој се играше европскиот натпревар, ние го дадовме својот максимум, одигравме тимски и борбено, но мора да признаеме дека домаќинките не изненадија со нивниот напад. Нашиот напад беше добро организиран, со мали грешки и пропусти. Се играше со брзо темпо, тоа се гледа по постигнатите резултати. Сега имаме една недела за анализа и грешките да ги сведиме на минимум на реваншот, па така да ја резервираме и картата за осминафинале”, изјави Кицеска.

Реванш натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Ојпен ќе се одигра на 19 ноември во спортската сала „Автокоманда“, со почеток од 20:00 часот.

Ѓорче Петров му даде 45 гола на Ојпен, на чекор е до осминафинале!