Ѓорче Петров му даде 45 гола на Ојпен, на чекор е до осминафинале!

Македонскиот шампион Ѓорче Петров е пред пласман во осминафиналето од Европскиот Куп, откако на првиот дуел против белгискиот Ојпен славеше со 45:39 и на реванш мечот, кој ќе биде одигран на 19 ноември во Скопје, ќе има убава можност со победа да го завери пласманот во следната фаза во третото по ранг европско натпреварување.

Првата средба покажа одредени недостасоци кај македонскиот шампион, посебно во одбраната, така што ќе има доста за поправање пред реванш дуелот. Белгискиот претставник на моменти беше незгоден ривал, во одредени делови парираше, се закануваше, но Ѓорче Петров беше подобриот на теренот.

Избраничките на Симе Симовски уште од самиот старт наметнаа свое темпо, покажаа дека се поквалитетен ривал и во најголемиот дел од првото полувреме беа во резултатска предност. Домаќинот во четири наврати го израмнуваше резултатот (1:1, 2:2, 6:6, 7:7) и тоа беше се што направи на овој натпревар, бидејќи „лавиците“ од Ѓорче Петров со расположената Николовска и сестрите Марија и Ангела Јанкуловска во првиот дел претежно беше во предност, најчесто од три до четири гола разлика.

Двете екипи не одиграа на ниво во одбраната во првиот дел, па така во првото полувреме беа постигнати вкупно 42 погодоци. Тоа доволно говори дека и голманките не беа расположени во првиот дел, но македонскиот шампион имаше подобра реализација и за нијанса беше подобар од белгискиот тим, кој на моменти му се закануваше на македонскиот шампион.

Откако првиот дел заврши со предност за Ѓорче Петров од 23:19, во продолжение тимот на Симовски можеше да игра мирно, започна да ја зголемува предноста, во 40 минута дојде до плус шест, 34:28, и во преостанатите дваесетина минути имаше целосна контрола на резултатот. Домаќинот влегуваше во серија на грешки, немаше идеја како да се врати во игра, на моменти се закануваше поради малото опуштање во гостинскиот табор, но Ѓорче Петров си ја заврши домашната и на реванш дуелот ќе влезе со позитива од седум гола.

Најефикасни во Ѓорче Петров беа Анастасија Николовска со 11 и Ана Марија Коларовска со десет погодоци. Голманката Слободанка Кицеска имаше 11 интервенции.

Реванш натпреварот ќе се одигра на 19 ноември во спортската сала „Автокоманда“, со почеток од 20:00 часот.