Каков е патот на Македонија до СП 2025 – 17 место на ЕП носи прв шешир во баражот!

Женската сениорска репрезентација на Македонија ќе има само една пречка до настап на Мундијалот во 2025 година во Германија и Холандија. Во претквалификациите ќе играат 12 селекции, поделени во четири групи со по три репрезентации, но со оглед на само четирите слободни место за втората фаза од квалификациите, ЕХФ реши да се игра по групи, а да нема бараж натпревари во првата фаза.

Само првопласираните од групите (вкупно четири селекции) ќе обезбедат место во баражот, каде ќе ги чекаат уште 18 селекции што ќе настапат на Европското првенство 2024 во Унгарија, Австрија и Швајцарија, меѓу нив и Македонија.

Домаќините Германија и Холандија, светскиот првак Франција, како и најдобрите три селекции од ЕП 2024 што досега немаат обезбедено мундијалско место, ќе се пласираат на СП 2025.  Најслабите седум селекции од ЕП 2024, односно оние што ќе завршат од 18-24 место ќе бидат во вториот шешир за ждрепката за баражот, а тоа значи дека и 17 место носи прв шешир.

Затоа за избраничките на Кристијан Грчевски ќе биде важен секој гол на натпреварите од групната фаза на ЕП 2024 против Унгарија, Турција и Шведска, затоа што не е сеедно во бараж да се игра против на пример Црна Гора, Романија, Шпанија…или против Италија, Грција, Косово….

Ждрепката за првата фаза од квалификациите за СП 2025 ќе се одржи на 30 јули во Виена, а квалификациските турнири ќе се играат од 25 до 27 октомври за време на ЕХФ неделата.

Баражот за СП 2025, за кој ќе бидат формирани 11 двојки ќе се игра на 9/10 април, односно 12/13 април следната година.

Квалификации за СП 2025, прва фаза:

шешир 1: Италија, Грција, Косово, Финска
шешир 2: Израел, Луксембург, Литванија, Босна и Херцеговина
шешир 3: Бугарија, Велика Британија, Белгија, Естонија