Турската ракометарка Јелиз Озел и на 46 години не запира, а во интервју за ИХФ порача дека и натаму ја водат истата страст и истата љубов кон играта, додека македонската јавност добро ја памети и по периодот кога го носеше дресот на Кометал Ѓорче Петров. Со македонскиот куп стигна до финалето на Лигата на шампионите во 2005 година.
Озел дебитираше како професионалка уште во 1998 година во Турк Телеком во Анкара, а речиси три децении подоцна и натаму е активна и има важна улога во дресот на Бурса Бујукшехир. Во минатата европска сезона таа беше втор стрелец на својот тим во Европскиот куп, што само потврдува дека и покрај годините сè уште може да прави разлика на теренот.
Во разговорот за ИХФ, искусната ракометарка отворено зборува за тоа што ја одржува толку долго во спортот.
„Иако имам 46 години, и натаму на теренот ја чувствувам истата возбуда и истата желба како и на првиот ден. Тоа за мене е најјасниот знак за мојата страст кон ракометот. Она што ме движи е љубовта кон играта и чувството дека и натаму можам да направам разлика“, вели Озел.
Таа додава и дека денес психолошки се чувствува подобро од кога било.
„Ментално се чувствувам посилна од кога било. Искуството, интелигенцијата во играта и смиреноста ми помагаат да носам подобри одлуки на теренот.“
За македонската публика, Озел е посебно интересно име затоа што во 2004 година дојде во тогашниот европски великан Кометал Ѓорче Петров. Уште во својата прва сезона со скопскиот клуб стигна до финалето на Лигата на шампионите, а во трите сезони во Македонија постигна вкупно 136 гола во елитното европско натпреварување.
Токму периодот во Кометал Ѓорче Петров беше еден од најсилните во нејзината интернационална кариера. По една сезона во норвешки Бјасен, турската репрезентативка повторно излезе надвор од својата земја со трансферот во Скопје, а подоцна играше и за романската Валчеа. Озел потенцира дека секој трансфер и секој клуб во кој играла имале голема улога во нејзиниот развој како ракометарка.
Таа денес е една од најискусните активни ракометарки во Европа и име што оставило трага во повеќе земји. Според нејзините зборови, крајот сè уште не е на повидок – додека чувствува дека е физички и ментално подготвена и дека може да му помогне на тимот, Јелиз Озел нема намера да се повлече.
Турчинката се подготвува за нов трансфер и летово би можела тимот на Бурса да го замени со дресот на друг тим.

























