Јехона станува поконкурентна за плеј-офот, го врати Бошковски!

Екипата на Јехона продолжува да ги пополнува дефицитарните позиции пред настапот во плеј-оф фазата во Првата лига.

Амбициозниот тим од Гостивар во своите редови донесе уште едно ново засилување. Станува збор за повратникот Стефан Бошковски, кој од почетокот на минатата година го носеше дресот на Аеродром.

Левиот бек со стекнатото суперлигашко искуство би требало да биде од голема помош во тимот на Фари Селмани.

Бошковски во сезона 2021/2022 беше меѓу најдобрите стрелци во прволигашката конкуренција, по одличните настапи направи трансфер во Охрид, потоа следуваше преселбата во скопскиот клуб.

Јехона претходно се засили со голманот Никола Кизиќ и левото крило Виктор Крстевски, додека по едногодишна пауза во екипата се врати Јовица Костовски.

Тимот на Селмани за ривали во прволигашкиот плеј-оф ги има екипите на Бисинов, Младост, Драчево, Радовиш, Металург РА, Шампион и Македонија ЃП.