И Хановер се вклучи во трката за Гргиќ – спремен е да плати 200.000 евра оштета

Според пишувањата на германски „Билд“, во трката за талентираниот Марко Гргиќ се вклучува и тимот на Хановер, кој важи за добра средина за младите играчи.

За Гргиќ, кој моментално настапува за Ајзенах и со овој клуб има договор до 2027 година, постои интерес и од Рајн Некар и Фуксе Берлин, па така ќе биде интересно кој од трите споменати клубови ќе го добие неговиот потпис.

Хановер посакува Гргиќ да го види во своите редови многу порано, односно да го има на располагање од следната сезона, а според „Билд“, овој клуб на Ајзенах му нуди 200.000 евра оштета. Сепак Ајзенах бара поголема сума за да го продаде левиот бек, а таа сума е 400.000 евра.

21-годишниот ракометар е трет стрелец во Бундес лигата. На 14 натпревари успеа да постигне 126 погодоци. Младиот ракометар најдобрата партија во најквалитетната лига на светот ја имаше против Кил, односно Мелсунген.

Левиот бек на натпреварот со „зебрите“ доминираше на теренот и постигна 14 погодоци, додека против тимот на Роберто Гарсија Парондо 11 пати се запиша во листата на стрелците. На репрезентативно ниво освои сребро со „панцирите“ на ОИ во Париз.

Марко е син на Данијел Гргиќ, поранешен хрватски репрезентативец кој забележа 26 настапи за „коцкестите“.

Во Хановер настапува Ренарс Усчинс, ракометар кој е на иста возраст со Гргиќ и на кој му се предвидува богата кариера.