Хрватска со Циндриќ ќе брка ОИ

Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на Хрватска, Дагур Сигурдсон, го објави конечниот список на играчи за настап на олимписките квалификации.

На списокот, на кој има 21 играч, се наоѓа и екс ракометарот на Вардар и Металург, Лука Циндриќ.

Пред една недела, членот на Динамо Букурешт не се најде меѓу повиканите ракометари, но искусниот стратег од Исланд си ја преиспита одлуката и процени дека искуството на средниот бек ќе биде повеќе од потребното.

На квалификациите за пласман на Олимписките игри во Париз нема да настапи Филип Ивиќ. Искусниот голман поради повреда ќе остане дома, додека на негово место ќе биде младиот голман Кристијан Пилиповиќ.

Големо засилување за „коцкестите“ ќе биде Иван Мартиновиќ, кој сега е целосно фит, откако имаше успешна рехабилитација после повредата на Европското првенство во јануари.

Хрватска за ривали во квалификациите ги има репрезентациите на Германија, Алжир и Австрија. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман на најголемата спортска манифестација.