Група А: Македонија и Швајцарија во битка за трето место, единствен проблем ни е одбраната

24Ракомет - единствениот специјализиран портал за ракомет, до стартот на Европското првенство со серија анализи од истакнати тренери ќе Ви ги претстави сите групи и учесници на континенталниот собир. Групата Б за 24Ракомет ја анализира Горан Андоновски.

Јасно е дека во групата А голем фаворит е репрезентацијата на Франција, домашната селекција е фаворит од сенка, пред се поради тоа што ќе настапува на свој терен и ќе има голема поддршка од трибините. Според квалитетот, репрезентациите на Македонија и Швајцарија би се бореле за третото место во групата.

MAKEДОНИЈА

Осми пат учествуваме на Европските првенства, најдобариот пласман е петто место во Србија (2012), пласман на кој со задоволство се сеќаваме. Веќе некое време по заминување на Лазаров, Миркуловски, Стоилов…помина смена на генерација и добро е што континуитетот на учество на Европски и Светски првенства го задржуваме. Имаме тешка група, но веќе на Европските првенства сите играат ракомет и веќе нема лесна група, штета што покрај Франција, како олимписки првак, за ривал ја имаме и Германија, која е домаќин на ова Европско првенство, и сигурно ќе сака да се вмеша во борбата за медали. Кире Лазаров како селектор на Македонија внесе промена во нашата игра, особено во играта во напад, со брза транзиција, и дел од нас, ракометните работници,кои бевме скептици во оснос на тоа како ќе играме во напад после заминувањето на Стоилов, Мирлукоски и Лазаров, како ќе постигнуваме голови, сепак, покажавме дека против сите репрезентации можеме да постигнуваме голови, значи имаме позитивна страна во играта во напад, меѓутоа, од друга страна доста загубивме од цврстината која ја имавме во одбраната, така што проблем сега ни претставува таа наша игра во одбрана, каде што примаме многу голови, тоа се покажа и на подготвителните натпревари, со Црна Гора примивме 37 голови, со Грција исто така многу примени голови, но и на претходните Европски првенства имаме проблем во одбраната и треба да се фокусираме како да го решиме тој проблем.

Составот на Македонија е очекуван, но во јавноста немаше доволно објаснување зошто отсуствува еден Мартин Серафимов, кој беше еден од најдобрите играчи во Лигата на Европа оваа сезона, а исто така години наназад видно форсираниот Марко Стојковиќ го нема во составот, што секако е едно изненадување за нас, во изминативе години беше доста форсиран. Ни селекторот не е крив што во составот го нема Емилијан Ѓорговски, според мене, тој беше најголем талент, но минутажата во Еурофарм Пелистер на натпреварите од Лигата на шампионите му е помала од минимална, тука Лазаров не е ништо крив, исто така и за Павле Атанасијевиќ, не добива шанса, иако беше форсиран од Лазаров во претходните репрезентативни активности и секако би го спомнал играчот кој моментално е без клуб и можеби е тоа причина што не е во составот – Дејан Манасков. Мислам дека Манасков уште може да допринесе, моментално е без клуб, и одлуката на селекторот за мене е оправдана. Го нема ни Младеновиќ, кој беше доста форсиран и во одбрана и во напад, сега е изоставен, се наоѓа во резервите…Има некои мали промени, во главно тое е што би требало да се повика во репрезентација, на пример, играчи кои што покажаа многу во есенскиот дел, како кружниот напаѓач Милан Лазаревски. Тој во есенскиот дел од сезоната покажа и одбрамбено и офанзивно одлични настапи во Вардар, тој и на подготовките покажа дека е одличен и дека многу напредува годинава. Не се очекува многу од нашата репрезентација, но тоа е добро за нашиот состав да покаже до кај сме спрема другите репрезентации, треба да одиме напред, без притисок, имаме голема шанса да одиграме добри натпревари пред 50.000 публика, подобро од тоа за нас не може да биде.

ФРАНЦИЈА

Франција  е предводена од селектор Гијом Жил, кој и како играч беше врвно ниво, станува збор за авторитативен тренер, тренер кој успешно се справува со ѕвездите во тимот. Франција е селекција, која од 20 повикани играчи, 18 играат во Лигата на шампионите (Кил, Монпелје, Веспрем, Келце…), двајца играат во Лига на Европа (Нант). Кај Французите нема млад-стар играч, туку важи правилото најдобрите да играат за репрезентацијата, особено за нив што е олимписка година, сите најдобри играчи и сите играчи кои се пред репрезентативна пензија се повикани во тимот, селекторот добро ги координира ѕвездите во тимот, единствено мислам дека голманите ќе бидат подобри, тука го имаме Беласен од Кил, покажа дека добро брани во Кил, тука се и двајцата голмани од Монпелје (Деспоне и Бозингер) и ќе видиме дали оваа промена на голманите ќе делува позитивно или негативно во репрезентацијата. Ако треба да бараме најслаба алка, би била голманската, но не мора да значи дека и другите се најдобри. Што се однесува до составот, тоа е најдоброто што можи да се собери, дури и имаат вишок на играчи на десната беквоска позиција (Дика Мем, Мелвин Ричардсон, Недим Ремили), така што Ремили и Ричардсон можат доста да играат и на централната позиција, тоа го применува и Жил, тоа сигурно ќе го направи и на Европското првенство. Французите не патат да играат скандинавски стил на игра, модерно, со многу  трчање, практикуваат свој стил, стил кој му е покажан како повеќе од успешен, играат феноменално 6-0 одбрана, агресивна одбрана, која е тешко да ја пробиеш, таа зона не ја менуваат, можат лесно да играат и 5-1 и 3-2-1, но сите знаеме дека ракометарите на Франција ја играат најдобрата 6-0 одбрана и многу е тешко да се пробие.

ГЕРМАНИЈА

Селекторот на Германија, Алфред Гисласон, има големо реноме како тренер, го водеше Кил, 11 години беше дел од Кил, но реално, германската репрезентација последниве шест години има лош пласман на Европските првенства, пред осум години во Полска беа прваци, но потоа имаа лош пласман на првенствата. На Гисласон повеќе пати му висеше селекторската функција во последно време, сигурно ова му е последна шанса да успее, како домаќин со Германија, да освои медал, и само тоа може да го спаси Гисласон од промена. Сепак, во Германија многу се вложува во ракометот, ја имаат најдобрата лига во Европа, меѓутоа, пред почетокот на Европското првенство, селекторот Гисласон даде изјави дека е многу против странските играчи во германските клубови и тоа било проблем што неговата репрезентација не ги постигнува резултатите, кои би требало да ги имаат. Има делумна промена на генерацијата, имаме и искусни играчи, проверени, но да не заборавиме дека Германија го освои Светското младинско првенство, веќе размислуваат за промена на играчки кадар, но тоа е внесување на играчи од младинскиот состав, како на пример, тројцата дебитанти – пикерот Јустус Фишер, десниот бек Ренарс Усчинс и средниот бек Нилс Лихтлајн. Од поискусните тука се Грецки, Дамке, Хафнер, Колбахер, тоа а една комбинација од младост и искуство. Ќе играат пред своја публика, пред 50.000 навивачи и секако ќе даваат повеќе од максимум и ќе посакуваат освојување на медал, играат под притисок, но познавајќи ги Германците, ќе даваат максимум и поради домашниот терен, би рекол дека се едни од фаворитите  за медал, тоа е само тоа што се игра во Германија, не поради огромниот квалитет што го поседуваат. Играат модерен брз ракомет, со мал број измени, сигурно се решени да дадат голем отпор во натпреварот со Франција, се надеваат на победи на Швајцарија и Македонија, да се надеваме дека нема да им биде лесно. Кај Германија очекувам клучни играчи да бидат Андреас Волф, Јоханес Гола, Јури Кнор.

ШВАЈЦАРИЈА

Селекторот Михаел Сутер како тренер на Кадетен Шафхаузен има постигнато добри резултати, двапати екипата на Кадетен била четвртфиналист во Лигата на шампионите, Сутер како тренер на Каден Шафхаузен има освоено четири титули во Швајцарија. Ракометот во Швајцарија оди напред, пред се поради тоа што поголемиот број од играчите настапуваат во германското првенство, од 22 повикани играчи, девет од нив настапуваат во Бундес лигата. Главна ѕвезда во Швајцарија е Енди Шмид, и покрај тоа што има 40 години, се уште е во одлична форма, тоа го покажуваат и резултатите на Швајцарија во подготвителните натпревари со Романија и БиХ. Не би рекол дека Романија и БиХ се квалитетни ривали, но резултатите кои ги постигна Швајцарија  малку се изненадувачки во однос на играта во одбрана, доста се фокусираат на таа агресивна 6-0 одбрана, пример, со Романија до 50 минута имаа примено само 20 гола, со БиХ само 18, постигнаа високи победи… Не само што постигнуваат голови, доста се фокусирани на одбраната, тоа е малку изненадувачки, но и со изјавите кои ги даваат Швајцарците пред Европското првенство, решени се да не играат епизодна улога на ова ЕП. Главни играчи во репрезентацијата на Швајцарија се Енди Шмид, голманот Никола Порнер, пикерот, Лукас Мајстер, двајцата играат во актуелниот европски првак Магдебург, потоа Самоил Зендер, лево крило во Лемго, левиот бек Лени Рубин од Вецлар, така што ќе биде многу тешко да се игра против Швајцарија. Имаат искуство во играње Бундес лига нивните играчи, тие не сакаат да бидат епизодна улога, доста почнаа да вложуваат во ракометот, швајцарските екипи играат многу добро во Лигата на Европа и сигурно ќе бидат тежок ривал и за нас, но и за Германија.

*Горан Андоновски е поранешен репрезентативец кој настапи за Македонија на првото учество на Европските првенства во Италија во 1998 година. Во играчката кариера настапуваше за Охрид, Преспа Јафа Промет со која играше во Лигата на шампионите, Пелистер, Вардар…Во тренерската кариера го водеше Охрид до место во Европа, а беше дел и од кавадаречки Тиквеш, пред да се врати во родниот град.