Грчевски скрати список – 22 ракометарки во конкуренција за Литванија и Азербејџан

Селекторот на женската сениорска репрезентација, Кристијан Грчевски го објави скратениот список на ракометарки пред стартот на квалификациите за ЕП 2024 година.

На списокот нема изненадувања и главно тоа се ракометарките за кои се очекуваше дека ќе бидат во конкуренција.

По подолго време на скратен список се најдоа и левите крила Марија Тасевска од српската Јагодина и Сара Миновска од Металург Автокоманда, како и левиот бек Андреа Седлоска од хрватскиот првак Локомотива Загреб.

Повратник во тимот е левиот бек Симона Маџовска, откако ги пропушти двата меча со Украина од баражот за СП 2023.

Собирот на ракометарките е на 8 октомври од 14:00 часот.

Сениорките првиот натпревар во квалификациите за ЕП 2024 година го играат на домашен терен против Азербејџан на 11 октомври во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот, потоа на 15 октомври следи натпревар на гостински терен во Вилнус против репрезентацијата на Литванија со почеток во 15:00 часот во „АСГ Арена“. Во групата е уште и селекцијата на Шпанија.