Грчевски: Полска е силна репрезентација, но ако ракометарките одиграат храбро и паметно…

Женската репрезентација на Македонија ја доби Полска за ривал во баражот за Светското првенство 2025 во Германија и Холандија.

Полска ја освои деветтата позиција на ЕП 2024, има искусен ростер кој е предводен од норвешкиот стручњак Арне Сенстад.

Македонскиот селектор Кристијан Грчевски вели дека не треба на ниту еден противник да се гледа со преголем респект.

„По ЕП мислам дека увидовме дека можеме да играме со секого и дека не треба да гледаме на ниту еден противник со преголем респект. Полска е силна репрезентација, но ако девојките сфатат дека можеме сите како колектив да играме храбро и паметно, тогаш можеме и до нешто многу повеќе, а тоа е пласман на СП 2025. Секоја ракометарка уште отсега треба да биде спремна за овој предизвик, да не биде тоа само на три дена до мечот, секој ден од денеска до квалификациите треба да се работи и мисли само на победа. Ќе пробаме да се подготвиме најдобро што можеме и ќе дадеме максимум, тоа можам да го ветам, а за се друго ќе видиме после натпреварите. Сакам да упатам и апел до тренерите во македонските клубови, да се дава повеќе шанса на македонските ракометарки, кои ги бранат боите на репрезентацијата, а не да добиваат шанса странски играчи кои не прават разлика, туку само се уназадуваат нашите ракометарки. Придонесот за репрезентацијата не е само мој, тој е заеднички за сите нас и сите треба да работиме заедно за доброто на македонскиот женски ракомет“, вели Грчевски.

Првиот натпревар меѓу Полска и Македонија се игра на гостински терен на 9/10 април, додека реваншот ќе биде на македонско тло на 12/13 април.