Селекцијата на Грција е последниот ривал на Македонија пред настапот на Европското првенство во Германија.
Како и за нас, така и за противникот ова се последни проверки пред континенталниот шампионат, а левото крило Гиоргиос Папавасилис смета дека ќе бидат од голема корист.
„Ова се наши последни тестови пред ЕП. Нашата цел е да покажеме дека сме подготвени и фокусирани. Го знаеме потенцијалот на нашиот противник кој доаѓа од важна школа за ракометот и има искуство од големите натпреварувања. Верувам дека овие два меча ќе ни помогнат да напредуваме уште повеќе пред официјалните натпревари на ЕП. Сакам да ги завршиме подготовките со две добри изданија“, вели Папавасилис.
Противникот на Македонија веќе одигра три подготвителни меча – загуби од Романија, а ги совлада Словачка и Обединетите Арапски Емирати.
Грците се во тешка група на Европското првенство со европскиот и светски шампион Данска, Португалија и Чешка.